7 March, 2026

„Телефонот му ѕвони, но никој не одговара како да пропадна во земја“ – татко бара помош за исчезнатиот син

Семејството на 39-годишниот Виктор Илиоски од Прилеп апелира до јавноста за помош во неговото пронаоѓање, откако тој исчезнал во саботата околу 14 часот. Според изјавата на неговиот татко Драган за ВИКИМЕДИА , Виктор излегол од домот без да каже каде оди и оттогаш му се губи секаква трага.

„Никогаш досега не се случило да излезе и да не каже кога ќе се врати. Секогаш бил во контакт со нас. Сега сме избезумени од грижа и не знаеме каде да бараме“, вели таткото, додавајќи дека исчезнувањето е пријавено и во полиција.

Како што раскажува семејството, Виктор во минатото имал проблеми со зависност, но во последните месеци бил под терапија и редовно се лекувал. Според нив, немало никакви знаци или најави дека би можел да замине некаде без да ги извести најблиските.

Роднини и пријатели активно го бараат низ градот и околината, но досега нема никаква информација за неговата локација. „Како да пропаднал во земја. Никој не го видел, иако исчезна среде бел ден. Чекаме одговори од полицијата, се проверуваат камерите од околните објекти, но времето минува, а ние немаме никаква вест“, вели таткото.

Семејството упатува апел до сите граѓани, доколку некој го забележи Виктор или има било каква информација, веднаш да пријави во најблиската полициска станица или да се јави на телефонскиот број 076 303 292.

Виктор е татко на малолетно дете и има семејство кое со нетрпение очекува каква било вест. Според описот, станува збор за крупен маж, висок околу 180 сантиметри. Во моментот на исчезнувањето бил облечен во тегет јакна, црни тренерки и сиви патики. Со себе го носел мобилниот телефон, кој ѕвони, но никој не одговара на повиците. Кај себе немал поголема сума на пари.

Семејството повторно апелира до јавноста за солидарност и помош, надевајќи се дека Виктор што поскоро ќе биде пронајден.