Судот постапувајќи по обвинителниот предлог на ОЈО Скопје, на ден 29.12.2025 година закажа главна, јавна и усмена расправа и по одржување и завршување на истата донесе и објави пресуда XX К.бр.2417/25, со која обвинетиот Горан Спасов од Скопје, го огласи за виновен за кривично дело – Насилство од чл.386 ст.3 вв ст.1 од Кривичниот законик и кривично дело – Спречување на службено лице во вршење на службено дејствие од чл.382 ст.3 вв ст.1 од Кривичниот законик и му изрече алтернативна мерка – условна осуда со заштитен надзор, при што му утврди казна затвор во траење од 2-две години, која казна нема да се изврши ако обвинетиот во период од 5 години не стори ново кривично дело и во рамките на заштитениот надзор му определи обврски од чл.56 т.7, т.8 и т.10 од КЗ, кон кои го задолжи обвинетиот да се придржува во период од 4 години, меѓу кои и мерката подложување на лекување или социјална рехабилитација во соодветни специјализирани установи, во спротивно утврдената казна затвор од 2 години ќе се изврши. Во текот на главната расправа, обвинетиот ги призна кривичните дела што му се ставаа на товар, им се извини на оштетените кои беа присутни во судницата и изрази искрено каење за стореното.
Судот при одмерување на видот и висината на кривичната санкција го имаше во предвид особено фактот дека со овие кривични дела се нарушува јавниот ред чиј објект на заштита во поширока смисла е општата сигурност на граѓаните, чувството на мир на загрозеност на идвидуалните и заедничките добра. Притоа имајќи превид дека во конкретниот случај е загрозена и безбедноста на новинарите, а со тоа е извршен и директен напад на слободите на изразување, особено ако се има во предвид дека со спречувањето на новинарите во нивната работа не е извршен само напад на поединецот, туку со тоа се напаѓа правото на целата јавност да биде информирана за клучни теми кои се од влијание во општествен живот, а тоа претставува сериозен напад врз јавниот интерес и слободата на говорот, односно директен напад врз демократскиот поредок.
Имајќи ги во предвид овие околности, но и околностите врзани за личноста на обвинетиот, неговите лични и семејни прилики, истиот претходно не е осудуван и против него не се водат постапки за други кривични дела, а особено здравствената состојба на обвинетиот, односно врз основа на Наод и мислење од вешто лице-психијатар е утврдено дека истиот боледува од хронично растројство ,,Шизотипно растројство,,, која болест не е од паталошка природа туку произлегува од структурата на личноста, односно неговата намалена способност за контрола на импулсивноста и неговата потреба од секојдневна терапија, судот смета дека со условната осуда со заштитниот надзор и мерката подложување на лекување или социјална рехабилитација во соодветни специјализирани установи ќе се постигнат целите на казнувањето.

