3 March, 2026

Странска служба ја известила АНБ пред една година дека на Груби му се заканува ликвидација

Разузнавачка служба од соседството пред повеќе од една година испратила информација до Агенција за национална безбедност дека на поранешниот вицепремиер Артан Груби му се заканува ликвидација од лице со криминално минато и врски во подземјето, брифираат извори запознаени со истрагата, јавува ТВ24.

Според истите информации, странската служба пресретнала комуникации кои укажувале на сериозна закана по животот на Груби, по што податоците биле доставени до АНБ. Агенцијата, согласно процедурите, ги проследила сознанијата до Министерство за внатрешни работи, а потоа тие по службен пат завршиле и во Основно јавно обвинителство.

По добиената дојава, на Груби му било доделено полициско обезбедување, кое го користел одреден период. Дел од овие информации се содржани во службени белешки што сега се земаат предвид во постапките поврзани со определување на мерката притвор.

Од надлежните институции засега нема официјална потврда за деталите, но посочуваат дека сите информации со кои располагале биле навремено споделени со Обвинителството, кое одлучува за понатамошните мерки.