Љубовта кон најблиските, слогата и заедништвото се тајната за мојот долговечен и спокоен живот – вели една од највозрасните жителки на Карпош, Слава Коцевска, која одбележува свој голем јубилеј.
По тој повод градоначалникот на општина Карпош Сотир Лукровски и претседателот на Советот, Христо Саракинов ја посетија баба Славка, која го прослави својот 100-ти роденден.
Баба Славка чии очи сè уште зрачат со жар и топлина, им ја раскажа својата животна сторија на своите гости. Родум од Штип во далечната 1925 година, таа го поминува најголемиот дел од својот живот во преубавиот Карпош.
– Нашата стогодишна хероина напоменува дека ја добива најголемата поддршка од своето многубројно семејство. Имено, баба Славка е мајка на три деца (има два сина и една ќерка), но како што вели, најмногу се гордее со тоа што е баба, прабаба и чукунбаба. Во нејзиниот топол дом исполнет со раскошно цвеќе доминираат живописните гоблени кои самата ги изработила. Низ разговор, баба Славка открива дека токму денеска и се исполнила нејзината голема желба – да му подари преубаво цвеќе на градоначалникот Лукровски, кое ќе ја разубави просторијата во неговиот работен кабинет, споделија од локалната самоуправа.
Во оваа пригода Лукровски и Саракинов, изразија искрени честитки за едновековниот животен јубилеј кој го празнува баба Славка. Оттука, тие и посакаа добро здравје и уште многу весели насмевки на нејзиното ведро лице, кое навидум ја крие сета мудрост и добрина на светот.

