Стара фотографија од центарот на Скопје повторно го разнежни интернетот. На социјалните мрежи се појави ретка снимка од главниот град, направена пред неколку децении, кога изгледот на центарот бил сосема поинаков од денешниот.
Во групата „Стари скопјани“ на социјалните мрежи се појави ретка фотографија од центарот на Скопје, која веднаш предизвика носталгија кај многумина. На неа се гледа добро познат дел од градот, но во време кога Скопје изгледало сосема поинаку – со помирен сообраќај, препознатливи згради и атмосфера што денес ја нема.
Многумина веднаш се обидоа да препознаат каде точно е направена фотографијата, а дел од коментарите покажуваат колку Скопје се променило низ годините.
„ДАЛИ ГО ПОЗНАВАМЕ СКОПЈЕ Просторот на Клиничкиот центар денес е речиси во центарот, а некогаш бил далечна периферија. На просторот на Клиничкиот центар некогаш се одело на излет, или на одбележување на некој верски, народен празник. Особено што на тој празен простор на падините на Водно се наоѓало Тасиното чешмиче, кое било особено популарно, а постои и денес. Но најважниот белег на тој простор го давале спортските игри и традиционалните слетови што се одржувале тука. На некои од тие настани присуствувале и до 15.000 гледачи. Слетовите и спортските игри, кои најчесто биле проследени и со народни песни и игри, биле во организација на Соколското друштво од Скопје. Во времето кога се одржуваат спомнатите слетови и игри, на таа површина имало само неколку објекти. Еден од првите е Тропскиот институт, бидејќи по војната владеат маларични болести, се отвораат институции и се бараат стручни лица за сузбивање на болестите. Во еден од тие проекти е вклучена и Рокфелеровата фондација, а членови на таа фондација, меѓу кои е и еден од Рокфелерите, го посетуваат Скопје. По Првата светска војна, користејќи ги германските репарации, на тој простор се градат Декеровите бараки, кои исто така биле еден вид помош за справување со болестите. Малку е познато дека тие Декерови бараки што се импозантни по својата градба, постојат и денес во рамките на Клиничкиот центар, во близината на училиштето „Панче Караѓозов““, се вели во објавата во групата стари скопјани.

