14 February, 2026

„Среќна Нова година, мамо, те сакам“: Последната порака на 16-годишниот Артур пред трагедијата во Кран-Монтана

Во новогодишната ноќ, барот „Ле Констелацион“ во Кран-Монтана стана сцена на една од најтешките трагедии во поновата историја на Швајцарија. Во разорниот пожар животот го загубија најмалку 40 лица, а 119 се повредени, од кои дел со тешки изгореници.

Според првичните сознанија на истражните органи, трагедијата најверојатно била предизвикана од пиротехнички прскалки користени во шишиња шампањ за време на новогодишната прослава, на која присуствувале претежно млади луѓе, меѓу нив и малолетници.

Додека истрагата сè уште е во тек, општината Кран-Монтана поднесе граѓанска тужба, а јавноста остана длабоко потресена од размерите на катастрофата, пренесува швајцарскиот портал Blick.

Меѓу жртвите има и голем број млади лица. По повеќедневна неизвесност, потврдена е смртта на 16-годишниот Артур. Неговата мајка, Летиција Бродар-Ситр, со денови преку социјалните мрежи очајно трагаше по својот син.
„Нашиот Артур сега е во рајот“, порача таа во потресно видео објавено за француската телевизија BFMTV.

Артур во новогодишната ноќ ѝ испратил порака на мајка си веднаш по полноќ: „Среќна Нова година, мамо, те сакам“. По таа порака, му се губи секоја трага. Во барот требало да го прослави својот 17. роденден, откако неколку дена претходно резервирал голема маса со пријателите.

„Планираше да ја помине новогодишната ноќ во ‘Ле Констелацион’“, изјави неговата мајка за Reuters.

Во обид да го пронајдат, таа заминала во Лозана за да провери дали Артур се наоѓа во некоја од болниците, додека неговиот татко истовремено го направил истото во Берн, но без успех.

„Живеев вистински кошмар. Или ќе го најдам синот во мртовечница или во критична состојба. Тоа е ужасно“, изјави таа, додавајќи дека некои од пријателите на Артур биле пронајдени со изгореници на речиси половина од телото.
„Тие поминаа низ пекол“, рече таа.

Во очаен апел за помош, мајката ја објави и фотографијата на Артур на Фејсбук, наведувајќи дека тој е меѓу жртвите на пожарот и дека семејството нема информации за неговата судбина. Подоцна беше официјално потврдено дека младиот Артур е меѓу загинатите.

Меѓу идентификуваните жртви е и 18-годишниот боксер Бенжамен Ж., член на клубот „Лозаноа де Бокс“. Од него се прости и SwissBoxing, наведувајќи дека станувало збор за перспективен спортист кој го загубил животот обидувајќи се да спаси блиска пријателка.

До синоќа биле идентификувани осум загинати лица, меѓу кои две Швајцарки на возраст од 24 и 22 години, двајца Швајцарци на 21 и 18 години, како и македонскиот државјанин Стив Ивановски.

Државното обвинителство на кантонот Вале покрена кривична постапка против сопствениците на барот, брачниот пар Џесика и Жак Морети. Тие биле сослушани, но засега се бранат од слобода. Главната обвинителка Беатрис Пилу истакна дека како можна причина за пожарот и понатаму се разгледуваат пиротехничките прскалки, додека истрагата е насочена кон целосна идентификација на жртвите и утврдување на евентуалната одговорност.

Општинскиот совет на Кран-Монтана едногласно одлучи да поднесе граѓанска тужба и на правосудните органи да им ја предаде целокупната расположлива документација. Претседателот на општината, Никола Феро, нагласи дека локалната власт безрезервно стои зад жртвите и нивните семејства и целосно ќе соработува со истражните органи.

Местото на трагедијата го посети и швајцарскиот министер за правда, Беат Јанс, кој изјави дека како татко може само делумно да ја разбере болката на погодените семејства, најавувајќи темелна и транспарентна истрага.