Сопствениците на барот „Le Constellation“ во познатиот швајцарски скијачки центар Кран-Монтана, каде што се случи трагедијата за време на новогодишната ноќ, се живи, објавуваат француските медиуми.
Станува збор за Џесика и Жак Морети, брачна двојка по потекло од Корзика.
Според неколку француски интернет-портали, Морети го презеле популарниот бар во 2015 година. Покрај „Le Constellation“, тие управуваат и со уште еден угостителски објект – ресторанот „Le Vieux Chalet“ во Ленс.
Под нивно водство, некогаш запуштениот бар бил трансформиран во еден од најпопуларните ноќни клубови во Кран-Монтана и омилено место за ноќни излегувања.
Медиумите наведуваат дека клубот дозволувал влез и на лица под 18 години и дека бил единствениот ноќен локал во скијачкиот центар со таква практика.
Пријател на семејството потврдил за корзиканскиот дневен весник „Корсе-Матен“ дека Морети се живи. Според тие информации, во моментот на пожарот во барот била само Џесика Морети (40), која се здобила со изгореници на раката.
Досега ниту еден медиум не успеал директно да разговара со сопствениците. Лице блиско до нив изјавило дека сите се во длабок шок.
„Изгубивме дел од нашиот персонал и моментално е многу тешко да се зборува за тоа“, рекол изворот.
Барот, кој имал тераса на првиот кат и ноќен клуб во подрумот со диџеи и жива музика, важел за едно од најпопуларните ноќни места во градот. Клиентелата главно ја сочинувале млади и богати љубители на зимските спортови, како и локални жители.
Сепак, истражителите сега проверуваат дали подрумот, кој имал само едно релативно тесно скалиште, претставувал сериозен безбедносен ризик и „катастрофа што чекала да се случи“.
Се верува дека голем број од жртвите настрадале во стампедото кое се создало на излезот, додека пожарот брзо се ширел низ затворениот и преполн простор.
Покрај тоа, се испитува и дали дрвениот мебел, дрвените облоги на ѕидовите и изолацискиот материјал од пена на таванот придонеле за брзото ширење на огнот.
Во пожарот што избувна околу 1:30 часот по полноќ загинаа најмалку 47 лица, а 115 беа повредени. Како можна причина се споменува употреба на прскалки за шишиња, но официјалната причина ќе биде утврдена по завршување на истрагата.

