14 February, 2026

Сопственикот на „Дурмо турс“, по одложувања и операции конечно почна со издржување на казната за Ласкарци

По две хируршки интервенции и повеќемесечни одложувања поради здравствената состојба, сопственикот на превозната компанија „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, денеска се јави на издржување на затворската казна во КПУ Идризово.

Белули е правосилно осуден на 10 години затвор за тешката сообраќајна несреќа што се случи кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а повеќе од 30 патници беа повредени, откако се преврте технички неисправен автобус во сопственост на неговата компанија.

Извршувањето на казната беше одложувано во повеќе наврати поради здравствени причини. Последното одложување беше одобрено на почетокот на декември 2025 година, по доставена медицинска документација за дополнителна хируршка интервенција, по претходна операција извршена во октомври истата година. Одложувањето важеше до средината на декември.

Во меѓувреме, второосомничениот во случајот, Ремзи Мифтари, одговорен за одржувањето на возниот парк на „Дурмо турс“, не се јави на издржување на казната и се наоѓа во бегство. По неговото исчезнување е распишана потерница.

Апелациониот суд Скопје на 9 мај 2025 година донесе правосилна одлука со која затворските казни им беа зголемени — на Белули од четири на 10 години, а на Мифтари од шест на 10 години затвор.

Судијата што го водеше предметот претходно изјави дека лично извршил проверка во здравствената установа каде што Белули бил лекуван и дека од лекарот што ја извршил интервенцијата добил потврда оти операцијата била медицински неопходна