15 February, 2026

Случај Епштајн: Мозоци од починати луѓе од Македонија, биле праќани во САД за научно истражување

Во објавени електронски пораки и документи поврзани со случајот на починатиот американски милионер Џефри Епштајн се појавуваат наводи дека човечки мозоци од починати лица од Македонија биле замрзнувани и транспортирани во Соединетите Американски Држави за научно-истражувачки цели.

Станува збор за новинарско истражување на „Блумберг Бизнисвик“, потпишано од новинарите Синтија Кунс и Роберт Лагрет, кое не е директно поврзано со сексуалниот скандал на Епштајн. Истражувањето е објавено под наслов „Лек стар 50 години што би можел да ја реши американската криза со самоубиствата“ и се однесува на научни истражувања за самоубиствата и употребата на кетамин.

Во текстот се наведува дека американски научници, поврзани со Универзитетот Колумбија, со години создавале банка од околу 1.000 човечки мозоци, кои служеле за истражувачки цели. Колекцијата вклучувала примероци од лица кои извршиле самоубиство, како и контролни примероци, при што Македонија е наведена како една од земјите од кои биле обезбедени дел од примероците.

Според објавените информации, мозоците биле отстранувани по смртта, веднаш замрзнувани и транспортирани во САД, каде биле правилно означени и архивирани. Во дел од електронската кореспонденција се опишуваат и логистички детали за криопрезервацијата и транспортот на примероците.

Во еден од цитираните мејлови се наведува дека процесот бил олеснет од член на факултетот на Универзитетот Колумбија со потекло од Македонија, кој помогнал во организацијата на целата постапка. Во пораката се опишува и начинот на транспорт и складирање на примероците, кои биле означени и архивирани за научна употреба.

Дополнително, на социјалните мрежи се појавија тврдења дека Џефри Епштајн, преку својата фондација, донирал средства за истражувања поврзани со овие примероци. Овие наводи, објавени од поединци на „Фејсбук“, засега остануваат непотврдени од официјални институции.

Министерството за правда на САД на 30 јануари 2026 година објави милиони страници документи поврзани со случајот Епштајн, по што неговото име повторно се најде во фокусот на јавноста. Новите објави отвораат прашања за обемот на неговото влијание и врските со различни научни и истражувачки проекти, но надлежните институции засега немаат официјално соопштение во врска со наводите што се однесуваат на Македонија.