Ивана Коцевска, адвокатката на сопственикот на кабарето „Пулс“, на денешното судење го извести Судот дека добиле усно одобрување од притворот во Шутка за преместување на Дејан Јованов.
Обвинителството прочита известување од затворската управа во Куманово, според кое Јованов се пожалил пред судот, по што бил извршен разговор со него. Според информациите од затворот, тој немал забелешки за нечовечки или деградирачки однос од службените лица, туку се пожалил само на душекот.
„Во врска со добиените сознанија дека Јованов се жали за нечовечко и деградирачко однесување од службените лица во затворот Куманово, извршен е разговор со него. Јованов посочи дека нема никакви забелешки за односот од ниеден службеник. Имаше забелешка само за тоа што му е сменет душекот и дека пречесто се вршат претреси. Нема услови за специјален душек, а претресите се вршат редовно кај сите затвореници, особено по информации дека во собите се наоѓаат недозволени предмети, особено мобилни телефони. Бараме во иднина да не се земаат предвид ваквите паушални обвинувања кои не се поткрепени со факти, бидејќи влијаат на интегритетот на установата“, прочита адвокатката Коцевска.

