Следната седмица целиот Балкан, вклучително и Македонија, ќе биде зафатен од значително потопло време од вообичаеното за декември. Според метеоролозите, температурите ќе бидат и за над 10 степени повисоки од просекот, а на поединечни локации може да достигнат, па дури и да надминат 20°C.
Временската состојба ќе биде стабилна, сува и сончева, без најавени врнежи. Причина за невообичаеното затоплување е продор на топла воздушна маса од југ, проследена со формирање на антициклон кој ќе одржува висок воздушен притисок над регионот.
Сепак, стручњаците предупредуваат дека во котлините е можно појава на магла и ниска облачност, кои на некои места би можеле да се задржат и во текот на целиот ден. Во тие услови температурата ќе биде пониска отколку на отворените и повисоки локации.
По ова „лажно пролетно“ затоплување, метеоролошките модели најавуваат поизразена промена. Во третата декада од месецот, околу 27–30 декември, можно е пристигнување на силен студен бран кој би можел да го означи почетокот на вистинската зима.

