Новороденче кое имало реални шанси за живот починало на интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје на 1 октомври годинава, а на семејството смртта му била прикажана како неизбежна. Но, интерни документи до кои дојде „Слободен печат“ покажуваат дека началничката на интензивната нега, д-р Елизабета Петковска, официјално ја пријавила педијатарката д-р Емилија Бадева за несоодветно лекување што довело до компликации и смрт на бебето.
По пријавата, директорката на клиниката д-р Ирена Алексиовска Папестиев ја отстранила Бадева од дежурства на интензивна нега и ја преместила на друг оддел, но цели два месеца за случајот не ги известила Министерството за здравство, Инспекторатот ниту Јавното обвинителство.
„Слободен печат“ пред објавувањето на сторијата му ги презентирал интерните документи на семејството, кое дотогаш не било информирано за сомнежите за пропусти во лекувањето. Таткото на бебето изјави дека по смртта специјализантка им сугерирала дека „нешто не било во ред со третманот“.
Во пријавата на началничката се наведува дека бебето било реинтубирано дури 20 минути со повеќекратни неуспешни обиди, при што биле предизвикани тешки повреди, масивен пнеумоторакс и дестабилизација, по што настапила смрт. Две специјализантки со писмени изјави го потврдуваат ова.
Дополнително, Комисијата за квалитет на клиниката констатирала дека во потврдата издадена на родителите и во барањето за обдукција биле наведени неточни податоци и дека не биле евидентирани обидите за реинтубација. Комисијата дала и препораки за преместување на докторката поради сомнежи кај дел од персоналот, но без законска можност за понатамошни проверки.
Докторката Бадева ги негира обвинувањата, тврди дека бебето било во исклучително тешка состојба и дека постапките биле во согласност со медицинските протоколи.
Обдукцискиот наод сè уште не е готов. Од ГАК ги демантираат наводите, тврдат дека немало неправилности во третманот и дека клиниката бележи пад на смртноста кај новороденчињата.

