До ден-денес, рече, сè уште не може да сфати и да поверува што се случило таа кобна вечер, сведочеше првообвинетиот и сопственик на дискотеката „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, на денешното рочиште.
Тој истакна дека веќе девет месеци е затворен „во четири ѕида“ и дека секој ден повторно ја преживува трагичната ноќ.
Со тивок и треперлив глас, на моменти видно вознемирен, Јованов повтори дека не може да прифати како дошло до трагедијата.
„Јас како човек и како родител, кој во клубот ги пречекувал сите млади – меѓу кои и моите деца – не можам да поверувам дека би бил способен да дозволам да недостига нешто важно. Ако знаев дека има пропуст, ќе направев сѐ за навреме да го отстранам. Во тој клуб пораснаа десетици генерации. Сите што ме познаваат знаат колку се грижев за безбедноста на гостите. Од срце им изразувам длабоко сочувство на семејствата на починатите, а на повредените им посакувам закрепнување. Ја знам нивната болка, затоа што и во моето семејство има починат и повреден член – ја носиме истата тешка тага“, рече тој.
Тој додаде дека не му е јасно ниту зошто неговиот син Михајло е обвинет, бидејќи, како што посочи, „немал никакви обврски, ниту пак било каква поврзаност со работата на клубот“.
„Тој си имаше своја фирма за дистрибуција, си ги извршуваше своите работни обврски и беше обичен гостин како сите останати“, дополни Јованов.

