14 February, 2026

Се уште нема информации за исчезнатиот Македонец во пожарот во Кран Монтана, бројот на жртвите се покачи на 47

Сè уште нема информации за исчезнатиот млад Македонец Стивен Ивановски, за кого семејството вчера соопшти дека новогодишната ноќ ја поминувал на прослава во барот во Кран-Монтана во кој избувна катастрофалниот пожар.

Семејството апелира до сите кои можеби го виделе Стивен или располагаат со каква било информација за неговото движење, како и до оние кои имаат сознанија дали бил примен во некоја од болниците во Женева или Цирих, веднаш да се јават на телефонските броеви: 076 415 0868, 076 385 7165 и 078 229 5745.

Неговите блиски преку социјалните мрежи информираа дека кобната ноќ бил облечен во бели панталони и бел дуксер, како што се гледа и на објавените фотографии. Можно е со себе да ги имал и препознатливите очила за сонце што ги носи на фотографиите.

Во меѓувреме, Швајцарија прогласи петдневна национална жалост по трагичниот пожар што ја зафати дискотеката „Констелејшн“ во скијачкиот центар Кран-Монтана за време на новогодишната ноќ. Во несреќата загинаа повеќе од 40 лица, а 115 се повредени, додека истрагата и идентификацијата на жртвите сè уште се во тек.

Според италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, бројот на загинати се проценува на 47 лица, при што тој изјави дека бил во постојан контакт со швајцарските власти.

Синоќа, и покрај студеното време, стотици граѓани се собраа во тишина во Кран-Монтана, палејќи свеќи и положувајќи цвеќе пред изгорениот бар, во знак на почит кон жртвите, објавува швајцарскиот весник „Темп“.

Весникот наведува дека повредените се хоспитализирани во повеќе болници низ Швајцарија, а дел од нив се префрлени во медицински установи во Милано, Париз, Лион и Штутгарт. Телата на загинатите се толку тешко изгорени што, според швајцарските власти, процесот на идентификација може да трае со денови.

Швајцарскиот претседател Гај Пармелин трагедијата ја оцени како една од најтешките во поновата историја на земјата, нагласувајќи дека државата има обврска да направи сè ваква несреќа никогаш повеќе да не се повтори, пишува „Гардијан“.

Несреќата се случила за време на новогодишните прослави, кога барот бил преполн со млади луѓе, меѓу кои и туристи од повеќе европски земји.

Директорката на Универзитетската болница во Лозана, Клер Шарме, изјави дека речиси 20 тинејџери и млади лица се здобиле со тешки повреди. Според неа, најмалку 22 од тешко повредените се на возраст меѓу 16 и 26 години.

Тие биле транспортирани со хеликоптери во Универзитетската болница во Лозана, еден од ретките специјализирани центри за лекување на тешки изгореници во Швајцарија.

„Повеќето од повредените имаат изгореници на повеќе од 20 проценти од телото. Нивното закрепнување ќе трае со недели, ако не и со месеци“, изјави Шарме.

Според очевидци, пожарот избувнал околу 1:30 часот по полноќ, откако во локалот била користена пиротехника при сервирање на шампањ, што предизвикало експлозија и брзо зафаќање на таванот и целиот подрум.

Луѓето во паника се обиделе да избегаат, но биле заробени од тесните скалишта, што довело до стампедо и дополнителни жртви. Службите за итни случаи реагирале брзо, а повредените биле пренесени во болници во Сион, Женева, Лозана и Цирих. Шест лица сè уште се во критична состојба.

Иако точната причина за пожарот сè уште не е официјално утврдена, истрагата продолжува.