Владата на денешната 138. редовна седница, по предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, донесе одлука за прогласување кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата, во времетраење од седум дена од денот на стапување во сила на одлуката.
Одлуката, како што беше најавено и во изминатите денови, е донесена поради неможност за навремена набавка на мазут, кој е неопходен за дел од производствениот процес на електрична енергија.
Задолжителните резерви на нафтени деривати ќе бидат отстапени без надоместок, додека АД ЕСМ ќе има обврска редовно да доставува извештаи за потрошувачката на мазут до Владата и до Министерството за финансии.

