Во јавноста се појави фотографија од безбедносна камера на која, според извори блиски до истрагата, е забележан осомничениот за серијата убиства што ја потресоа кумановската околина.
Станува збор за снимка од надзорна камера поставена на приватен објект, на која се гледа машка фигура како се движи во близина на куќите во доцните часови. Токму вакви движења, според истражителите, биле карактеристични за периодот пред нападите врз жртвите – лица кои најчесто живееле сами и во изолирани домови. Тој се движел слободно и никој не се посомневал.
Жителите од повеќе села во регионот сведочат дека осомничениот често бил гледан како пешачи или се движи со велосипед од едно место до друго. За многумина бил „познат лик“, но никој не помислил дека може да се поврзе со тешки кривични дела.
Извори блиски до истрагата велат дека токму ваквите снимки помогнале да се состави мозаикот на движењата на осомничениот во деновите кога се случиле нападите. Се проверува дали лицето од фотографијата се појавува на повеќе локации и во близина на домовите на жртвите.

