15 February, 2026

Се одложува Законот против пушење?

Законот за заштита од пушење најверојатно нема да започне со примена од 1 март, како што беше предвидено во предложеното решение. Наместо тоа, текстот ќе биде дополнително доработен и усогласен, по што ќе биде донесен во најкраток можен рок. Имплементацијата ќе се одвива поетапно – најпрво преку едукација и предупредувања, а дури потоа ќе следуваат казнени мерки. Колку точно ќе трае секоја од фазите сѐ уште се проценува.

Ова во емисијата Бизнис 21 го потврди државниот советник во Министерството за здравство, Никола Грбчевски, посочувајќи дека разговорите со сите засегнати страни сѐ уште се во тек.

„Не би го нарекол ретерирање, туку фазна имплементација. Во дијалог со јавноста и бизнис-заедницата одлучивме да пристапиме со помека примена – најпрво опомени и едукација. Дали таа фаза ќе трае три, шест или осум месеци, во овој момент не можеме прецизно да кажеме“, изјави Грбчевски.

Угостителите, иако го поддржуваат законот, побарале од Владата неговата целосна примена да се одложи за период од три години, по што би започнало и санкционирањето. Според нив, доколку мерките стапат веднаш во сила, тоа би можело сериозно да го погоди секторот, со можни затворања на локали и отпуштања на вработени.

Тие оценуваат дека законот е меѓу поригорозните и е подготвен по примерот на земји како Шпанија и Словенија, каде процентот на пушачи се движи меѓу 15 и 18 отсто од населението.