15 February, 2026

Семејството го бараше со денови – Стивен Ивановски пронајден мртов

Македонскиот државјанин Стивен Ивановски, кој се водеше како исчезнат по катастрофалниот пожар во познатиот швајцарски зимски центар Кран Монтана, е пронајден мртов, објави „Фокус“.

Потрагата по Ивановски започна веднаш по избувнувањето на пожарот во барот „Ла Констелејшн“ (La Constellation), откако неговото семејство и пријателите упатија апел до јавноста за каква било информација. Трагедијата, која се случи за време на новогодишната ноќ, ја потресе Швајцарија, при што животот го загубија неколку десетици лица, а над стотина беа повредени, дел од нив со тешки повреди.

По повод несреќата се огласија и од дипломатското претставништво на Швајцарија во земјава, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите.

„На Нова година, Швајцарија се разбуди со трагичната вест за катастрофален пожар во бар во Кран Монтана, во кој загинаа неколку десетици лица, а над стотина беа повредени. Нашите мисли се со семејствата на жртвите и со сите погодени од оваа трагедија“, соопштија од швајцарската Амбасада во Македонија.

За семејствата и роднините на настраданите и понатаму е активна линијата за помош на телефонскиот број 0848 112 117.