17 December, 2025

Семејството во жалост, Министерството најавува вонреден надзор на Гинекологија по смртта на новороденче

Министерството за здравство изрази сочувство до семејството по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и информираше дека се преземаат сите неопходни мерки за целосно расветлување на случајот. Министерот за здравство, Азир Алиу, иницирал вонреден инспекциски надзор преку Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор.

Од Министерството нагласуваат дека постапката ќе се спроведе професионално, стручно и транспарентно, со цел јавноста да биде точно и објективно информирана за околностите под кои настанал трагичниот исход и за преземените активности.

Во соопштението се апелира до јавноста да се почекаат резултатите од инспекцискиот и стручниот надзор, како и обдукцискиот наод, кој, според Министерството, е единствениот релевантен документ за утврдување на причините за смртта. До добивање на конечните резултати, се повикува да не се создава дополнителна вознемиреност кај семејството и во јавноста.

Воедно, од Министерството потсетуваат дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна здравствена установа во која се применуваат законски утврдени протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството најави дека ќе остане отворено и транспарентно во комуникацијата и дека јавноста ќе биде навремено информирана по добивањето на сите релевантни наоди.