3 March, 2026

Сведоштво на сосетка на настраданите мајка и дете: „Полицијата од Карпош еднаш ѝ се закани на мајката дека ќе добие пријава за лажно пријавување кривично дело“

Повеќемесечно семејно насилство било вршено врз настраданата мајка, чиј живот и животот на нејзината ќерка вчера трагично завршија во скопски Карпош, вели Тања Спировска за Слободен Печат, соседка од зградата каде се случи трагичниот настан.

„Насилството траеше со месеци, не беше од вчера – јас одев во полиција“, изјави Спировска, додавајќи дека жената подолго време била предмет на физичко и психичко насилство. Според соседката, обидите за пријавување не биле третирани соодветно од надлежните институции. Таа истакна дека полицијата од станицата Карпош еднаш ѝ се заканила на мајката дека ќе добие пријава за лажно пријавување кривично дело, и покрај сериозноста на ситуацијата.

„Овој настан не е само лична трагедија, туку и пропуст на целото општество и институциите кои треба да ги заштитат жените во насилни врски и бракови“, додаде Спировска. Таа истакна дека соседите често биле сведоци на кавги и физички напади, но немале овластување да интервенираат, додека институциите не реагирале навреме.

Повеќе од два часа улицата каде се случи трагедијата била затворена за сообраќај, додека полицијата извршувала увид и собирала материјални докази. Членови на семејството, кои беа на местото на настанот, со солзи во очите изјавија дека девојчето било прваче и редовно посетувало училиште.