15 February, 2026

Сашко Јанчев негира вина: „Не возев бесен џип, автомобилот ми е стар 20 години“

Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, преку објава на социјалните мрежи се огласи по сообраќајната несреќа во која беше учесник, наведувајќи дека станува збор за трагичен настан со сериозни последици за повеќе семејства, поради што досега одлучил да молчи.

„Во сообраќајната несреќа во која бев учесник има најмалку три потресени фамилии и уште многу потресени познаници. Затоа досега молчев, знаејќи што значи постојано враќање на траумата по ваков настан“, наведува Јанчев.

Тој истакнува дека не сака да навлегува во детали за самиот настан, но чувствувал обврска јавно да се произнесе. Како што посочува, веднаш по несреќата пружил помош и повикал служби за итна интервенција.

Во објавата, Јанчев реагира и на, како што вели, бавното пристигнување на Итната медицинска помош, наведувајќи дека чекале околу 50 минути.

Пратеникот тврди дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во моментот на несреќата и категорично ги негира информациите кои, според него, биле пласирани во јавноста истиот ден – дека возел под дејство на алкохол или дрога, како и дека управувал со скапо и ново возило.

„Ништо од тоа не е точно. Моето возило е старо 20 години“, наведува Јанчев, обвинувајќи дека случајот бил искористен за, како што вели, политичка пресметка против него преку координирани медиумски напади.

Тој посочува дека бил јавно осуден од страна на владејачки партии и функционери, без, како што наведува, да се постави прашањето за одговорноста на институциите, конкретно Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство.

Јанчев реагира и на обвинувањата поврзани со неговиот пратенички имунитет, наведувајќи дека никогаш не се повикал на него, ниту пак имал намера тоа да го стори, додавајќи дека имунитетот не значи ослободување од кривична одговорност.

Во објавата се осврнува и на, како што тврди, притисоци и закани од страна на пратеници од власта, поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.

На крајот, Јанчев уште еднаш изразува жалење за настанот.

„Жал ми е за сѐ што се случи и не знам зошто мораше да се случи“, наведува тој.