Во хаосот и стравот што го обви Сиднеј по смртоносниот напад, од австралиската јавност излезе приказна што ја надмина самата трагедија – приказна за лична храброст и човечка реакција во најкритичниот момент.
Австралиските медиуми го открија идентитетот на човекот кој успеал да му се спротивстави и да го разоружа еден од напаѓачите за време на масовното пукање. Станува збор за Ахмед ал-Ахмед, 43-годишен татко на две деца и сопственик на продавница за овошје во населбата Садерленд.
Според медиумските извештаи, Ахмед е муслиман, а неговиот чин предизвика силни реакции во јавноста, особено имајќи предвид дека нападот бил насочен кон еврејски настан по повод Ханука – фестивалот на светлината.
Неговата постапка беше оценета како исклучително храбра, во момент кога паниката и насилството доминирале на местото на настанот.
Братучедот на Ахмед, Мустафа, во изјава за „7News“ раскажа дека тој директно се соочил со напаѓачот и со својата интервенција најверојатно спречил уште поголема трагедија, спасувајќи бројни животи. За време на физичката пресметка, Ахмед бил погоден со два куршума.
Тој моментално се наоѓа на болничко лекување поради прострелните рани и чека оперативен зафат.
„Тој е во болница и сè уште не знаеме што точно се случува внатре“, изјави Мустафа, нагласувајќи дека семејството е длабоко вознемирено од неговата состојба.
Инцидентот што се случи на плажата Бонди официјално е класифициран како терористички напад. Според потврдените информации од полицијата, во нападот животот го загубиле 12 лица, меѓу кои и еден од напаѓачите, а повредени се 29 лица. Меѓу ранетите има и неколку полицајци кои први пристигнале на местото на трагедијата.

