Фронтменот на групата „Меморија“, Петар Георгиевски – Камиказа, со емотивна објава на социјалните мрежи се прости од Драган Б. Костиќ, легендарниот македонски музички новинар и радиоводител, кој почина утрово.
Камиказа во својата порака евоцираше децениски спомени од пријателството и професионалната соработка со Костиќ, нагласувајќи ја неговата огромна улога во развојот на македонската музичка сцена и во сопствената кариера.
„Патувај во бескрајниот мир и спокој, друже Драган… Пред неполна недела кроевме планови како треба да изгледа серијата за „Меморија“, се договаравме за пресот во МКЦ на 22 декември. Ме преплави со информации и работи кои сум ги заборавил, а некои ни не сум знаел дека постојат“, напиша Георгиевски.
Тој потсети дека Костиќ бил дел од неговиот живот уште од раните 1970-ти години, кога, како што наведува, на диското „Турист“ пуштил песна порано за да може да покани девојка на танц — момент кој засекогаш му останал во сеќавање.
„Во осумдесеттите ја креираше мојата кариера. Со многукратното емитување на песните на „Меморија“ во „Диско селектор“, тие стануваа хитови, или како што ти велеше — безвременски“, наведува Камиказа.
Во продолжение, тој истакна дека нивното пријателство траело повеќе од половина век и дека Костиќ бил присутен во неговиот живот речиси секојдневно.
„Имам фермани да пишувам, но солзите, мислите и раката ме издаваат. Прости ми. Кога со Ристо ти ја донесовме „Дирлада“, ти беше првиот што ја чу и рече: ‘Имате безвременски хит’. И како што секогаш биваше — кога ти ќе го кажеше тоа, така и се случуваше“, напиша Георгиевски.
На крајот од пораката, Камиказа му посака светол пат кон „ѕвездите и бескрајниот мир“, додавајќи дека сега, заедно со Тоше Поп Симонов, ќе имаат многу за разговор „горе“, додека тој „долу“ ќе продолжи да „исправува криви дрини“.
Георгиевски ја придружи објавата со заедничка фотографија со легендарниот радиоводител.

