Јулијана Ѓорѓиевска, која тврди дека ги напасувала кравите во сопственост на нејзиниот татко, во изјава за „Скопје1“ изнесе сериозни обвинувања за начинот на кој била спроведена акцијата во Крива Паланка од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, со асистенција на Министерството за внатрешни работи.
Според неа, животните биле оттурнувани од пашата кон патните правци, што предизвикало паника и неконтролирано движење на добитокот, со потенцијален ризик по сообраќајот. Таа тврди дека забележала крави како се движат кон кејот на Крива Река, по што се обидела да ги врати кон ридот за да спречи можна несреќа.
Ѓорѓиевска наведува дека при враќањето кон автомобилот била пресретната од двајца полициски службеници, кои ѝ соопштиле дека е лишена од слобода. Според нејзината изјава, била задржана во полициска станица од 9:30 до 15:00 часот.
Таа дополнително тврди дека за време на акцијата биле одвоени мајки од телиња, што довело до зголемен стрес кај животните. Посочува дека околу 18 часот една крава, која се движела по магистралниот пат Крива Паланка – Деве Баир, била удрена од товарно возило и усмртена.
„Кој ја презема одговорноста? Дали постои јасен протокол за вакви акции за да се спречи ризик по јавната безбедност?“, прашува таа, додавајќи дека не бега од институциите, но бара законито и транспарентно постапување.
Институциите засега немаат официјален одговор на овие наводи.

