ОЈО Скопје поднесе обвинение против пратеникот Сашко Јанчев за тешка сообраќајна несреќа со смртни последици
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, по член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, додека неговата 13-годишна сопатничка се здоби со тешки телесни повреди.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка биле обезбедени сите релевантни докази и извршени соодветни вештачења, со кои се утврдени причините за сообраќајната несреќа.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“ и, како што се наведува, не се придржувал до сообраќајните прописи, со што го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, соопштуваат од Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски таблички и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот малолетник. Според официјалните наводи, тој немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на здобиените тешки повреди, 16-годишниот мотоциклист починал, додека девојчето кое било сопатник е тешко повредено.
Постапката продолжува пред надлежниот суд

