15 February, 2026

Почина двегодишното дете повредено за време на новогодишната ноќ

Утрово на скопските клиники почина двегодишното дете кое беше тешко повредено за време на новогодишната ноќ, откако, според првичните информации, било погодено од залутан куршум додека со мајката гледало огномет.

Детето во моментот на инцидентот се наоѓало надвор заедно со својата мајка. Додека таа го држела во раце, детето било погодено од метален проектил, најверојатно куршум испукан во воздух, по што веднаш било пренесено во болница.

Најпрво било згрижено во Градската болница, а поради тежината на повредите итно било префрлено на Клиниката за детска хирургија. Лекарите констатирале масивно крварење во мозокот, при што биле зафатени сите мозочни комори. Детето било во исклучително тешка, животозагрозувачка состојба и под постојан медицински надзор.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, претходно информираше дека станува збор за еден од најсериозните инциденти за време на новогодишната ноќ. Тој посочи дека повредата била предизвикана од метален фрагмент, додека околностите под кои настанал трагичниот настан сè уште се предмет на истрага.