15 February, 2026

После шест дена, полицијата во Хрватска пронајде исчезнати малолетници на новогодишната ноќ

Сплитско-далматинската полиција веќе неколку дена спроведе опсежна потрага по тројца малолетници кои исчезнале во новогодишната ноќ, на 31 декември 2025 година, во Каштела-Лукшиќ. Станува збор за сестрите Лара Буриќ (13) и Рената Буриќ (17), како и за Антонио Бенат (16).

Според досегашните информации, се верува дека тројцата малолетници заедно се оддалечиле од установата во која биле сместени. Полицијата од моментот на исчезнувањето интензивно ги проверува сите дојави и прибрани информации.

Откако веста за исчезнувањето беше објавена во јавноста, во неделата навечер на социјалните мрежи се појави порака од профил кој се претставува како Лара Буриќ. Во пораката таа навела дека е добро, но дека не смее да открие каде се наоѓа. Додала и дека морала да побегне од установата бидејќи, како што напишала, „сите на свој начин се себични и безобразни“.

Од полицијата информираат дека се запознаени со објавите на социјалните мрежи, но засега не можат да ја потврдат нивната веродостојност, бидејќи станува збор за новоотворен профил без претходни објави. Сите информации детално се проверуваат во рамки на истрагата.

Во потрагата се вклучени полициски службеници, а граѓаните се повикуваат на соработка. Секоја информација што може да помогне во пронаоѓањето на исчезнатите се смета за значајна.

Лара Буриќ е висока околу 158 сантиметри, има кафена коса, зелени очи и овално лице. Во моментот на исчезнувањето била облечена во црни хеланки, темна црна јакна со циркони и патики.

Рената Буриќ е висока околу 165 сантиметри, со слаба телесна градба, костенлива коса и кафени очи. Исчезнала облечена во сива маица со принт, сини фармерки и патики.

Антонио Бенат е исто така висок околу 165 сантиметри, со костенлива коса и кафени очи. Во моментот на исчезнувањето носел црна тренерка, црна јакна и патики.

Граѓаните кои имаат каква било информација се повикуваат да се јават во најблиската полициска станица, да го повикаат бројот 192 или да испратат податоци на е-пошта: nestali@nestali.hr.

Шест дена подоцна, полицијата соопшти дека малолетниците се пронајдени. Засега не се познати дополнителни детали.