Поранешниот премиер и поранешен специјален владин претставник за односите со Бугарија, Владо Бучковски, влегол во бизнис-сферата и станал сопственик на фирма, објави „Фактор“.
Од пред Нова година, Бучковски е единствен сопственик на компанијата „Хербос“ ДООЕЛ Скопје, регистрирана на почетокот на 2025 година. Фирмата е со дејност трговија на големо со пијалаци, а управител е Елисавета Коваческа Коруноска.
Бучковски ја потврдил информацијата, наведувајќи дека компанијата ќе работи во областа на трговија, посредништво и консалтинг, без да открива дополнителни детали.
Владо Бучковски е доктор по правни науки и долгогодишен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Беше министер за одбрана за време на конфликтот во 2001 година и премиер од 2004 до 2006 година. По заминувањето од функцијата се повлече од активната политика и се врати на академската работа, а во изминатите години беше ангажиран и како специјален пратеник за односите меѓу Македонија и Бугарија.

