14 February, 2026

Поранешна позната ракометарка вмешана во аферата за примање поткуп за побрзо вадење на лични документи

Министерството за внатрешни работи информираше за откриена криминална шема поврзана со злоупотреба на службената положба, примање поткуп и противзаконито влијание, во која биле вклучени двајца полицајци од Скопје, една наставничка и еден пожарникар. Осомничените, за паричен надомест, овозможувале побрзо издавање на лични документи – пасоши, лични карти и возачки дозволи.

Од извори од истрагата, „Скопје Инфо“ дознава дека наставничката В.Р., опфатена со истрагата, е поранешна позната ракометарка.

Како што соопшти МВР, Одделот за внатрешна контрола поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против М.С., полицаец во СВР Скопје, П.П., полицаец во Единицата за интервентна полиција, В.Р., наставничка во средно училиште во Скопје и А.С., пожарникар во Град Скопје. Тие се сомничат за кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба, примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.

Според МВР, во периодот од февруари до април 2024 година, осомничените по претходен договор воспоставиле организирана шема со јасно распределени улоги. Дел од нив наоѓале граѓани заинтересирани за побрзо вадење документи, ги прибирале нивните лични податоци, а преку посредување и влијание врз службени лица се овозможувало забрзување на постапките.

Со ваквото постапување, за точно утврден паричен надомест, бил создаден паралелен неформален систем за добивање јавни услуги, со што се стекнувале со противправна имотна корист и се нарушувал принципот на еднаков пристап на граѓаните до институциите.