Жителка на Скопје предупредува за потенцијалната опасност од оставање бојлер вклучен додека никој не е дома или за време на ноќта, откако пожар зафатил дел од нејзиниот дом.
Благородна Божиновска на социјалните мрежи сподели дека огнот букнал ненадејно, без претходни знаци за дефект на уредот.
Иако бојлерот бил целосно исправен и со нов грејач заменет пред помалку од една година, таа – како што вели – „сам се запали“, а пламенот за кратко време го зафатил купатилото.
„Среќа и благодарам на Бога што го забележавме на време. Со брза реакција — исклучување на струјата и гаснење со мокри ќебиња — пожарот го изгасивме пред да пристигне Противпожарната служба,“ напиша таа.
Божиновска додава дека не сака ни да замисли како би завршило сето тоа доколку никој не бил дома во моментот на избувнувањето.
Таа испрати јасна порака до граѓаните:
„Никогаш не оставајте бојлер вклучен кога сте отсутни или додека спиете. Доволно е само еднаш да се случи. Ако ова предупредување спаси барем нечиј дом, ќе знам дека вредеше да го споделам.“

