Поранешната специјална јавна обвинителка Вилма Русковска пријавила во полиција дека била изложена на телефонско вознемирување од страна на Бојан Јовановски, познат како Боки 13.
Според пријавата, инцидентот се случил вечерта на 18 декември 2025 година, кога Јовановски, за време на директно вклучување на својот Јутјуб-канал, во повеќе наврати ѝ се јавувал телефонски, иако таа ги одбивала повиците.
Дел од настанот е документиран и на видео-снимка која се прошири на социјалните мрежи, на која се слушаат навредливи и вознемирувачки изјави упатени кон Русковска. Таа, како што е наведено, го предупредила Јовановски дека ќе се обрати во полиција доколку не престане со повиците, но контактите продолжиле и по предупредувањето.
Од Министерството за внатрешни работи ја потврдија пријавата и информираа дека се преземаат мерки за утврдување на сите околности поврзани со случајот.

