На денешната средба меѓу Владата и претставниците на Синдикатот на работниците од управата, правосудството и здруженијата на граѓани (УПОЗ) е постигнат начелен договор за зголемување на платите на административните службеници. Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, изјави дека договореното најпрво треба официјално да се формализира, по што за него ќе се изјаснат синдикалните органи и тела.
Според договорот, платите на административците би се зголемувале за по осум проценти годишно во наредните три години. Деаноски посочи дека Владата делумно го прифатила барањето на синдикатот, но нагласи дека е значајно тоа што ќе се исплатат и додатоците на плата за вработените во администрацијата и правосудството.
Планирано е зголемувањето да се реализира во три последователни рати од по осум проценти, почнувајќи од март оваа година. Сепак, конечната одлука ќе зависи од гласањето на синдикалните тела за поединечните колективни договори. Доколку членството не го поддржи договорот, ќе следуваат дополнителни забелешки и можни нови барања кон Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски појасни дека според владината формула, административен службеник со плата од 35.000 денари со првото зголемување би добил околу 1.500 денари повеќе, односно платата би пораснала на 36.500 денари. Истата динамика на раст е предвидена и за 2027 и 2028 година, при што вкупното зголемување за тригодишниот период би достигнало најмалку 40 проценти од почетната плата.

