5 March, 2026

ПЕСНАТА „ШТО САКА НЕКА БИДЕ“ БИЛА СИГНАЛ ДА СЕ ВКЛУЧАТ ПРСКАЛКИТЕ На вокалот Ана Костадиновска ѝ биле изгорени гласните жици, добила и изгореници по телото

Ана Костадиновска, придружен вокал и професорка, која го преживеа пожарот во дискотеката „Пулс“, денеска сведочеше во судот дека не знае кој бил задолжен за прскалките во клубот. Таа најави дека има отштетно побарување и се приклучува на кривичниот прогон.

Костадиновска соработувала со бендот ДНК, но не била постојан член. Со загинатата Сара Пројковска била блиска пријателка, а Пројковска, исто така, настапувала само повремено. Главни вокали биле Владимир Блажев Панчо и Андреј Георгиевски, а техничкиот дел го водел Мартин Атанасовски.

На денот на настапот, 15 март 2025 година, бендот пристигнал во клубот околу 22 часот. Настапот почнал околу 1:40 часот, а Ана и Сара се подготвувале во импровизиран бекстејџ, одвоен дел од дискотеката. Бината била поставена високо и членовите на бендот морале да се пробиваат низ публиката до сцената.

За време на изведбата на песната „Што сака нека биде“, која секогаш се користела како сигнал за вклучување на прскалките, Ана почувствувала необична топлина и го забележала пламенот. Владимир повикал да се излезе, но врата кај сцената била заклучена, па бендот се упатил кон подолг пат кон излезот. Настанала паника и стампедо, а присутните беа загрозени од чадот и пламенот.

Во инцидентот, Ана ја изгубила свеста, била приклештена под други луѓе, а добила изгореници по телото и на гласните жици. По спасувањето од страна на минувачи, таа била хоспитализирана во Кочани, а потоа во Скопје, каде останала два дена.

Ана изјави дека ДНК ѝ било второ семејство, а Сара ѝ била како сестра. Сѐ уште се лекува и посетува психолози поради психичките и физичките последици од трагичниот настан. Таа не можеше да каже колку луѓе имало во дискотеката, но рече дека било полно и дека не забележала дали имало обезбедување.