Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против Фехми Стафа, поранешен државен правобранител, кој бил фатен „на дело“ со обележани банкноти, откако претходно ветувал дека со поткуп ќе издејствува укинување на притвор за бегалец преку влијание врз судија во Апелациониот суд Скопје.
Осомничениот се товари за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“. Според наводите на обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, тој наплатил вкупно 50.000 евра за своите „услуги“.
Како што соопштува ОЈО ГОКК, осомничениот првично побарал 100.000 евра, тврдејќи дека ќе го искористи своето реално влијание за да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје. Целта била судијата да изврши службено дејствие што не смее да се изврши – укинување на мерката притвор за лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кое веќе се води постапка за финансиски криминал.
Исплатата се одвивала во две рати. На 6 октомври 2025 година, осомничениот го примил првиот дел од поткупот – 30.000 евра, кои му биле предадени од сестрата на лицето во бегство. Втората исплата се случила на 13 декември 2025 година, кога тој побарал и примил дополнителни 20.000 евра, наводно наменети за судијата.
Веднаш по втората исплата, органите на прогонот спровеле акција, при што осомничениот бил лишен од слобода, а обележаните банкноти биле пронајдени кај него.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор, оценувајќи дека постои опасност од бегство, можност осомничениот да го повтори делото или да влијае врз сведоците и текот на постапката.

