15 February, 2026

Орбан упати честитки до ВМРО-ДПМНЕ: „По години опозиција, денес сте една од најуспешните политички партии во Европа“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, преку видеообраќање емитувано на почетокот од Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, им упати честитки на членовите на партијата за, како што истакна, „импресивните успеси“ во изминатите две години.

Орбан нагласи дека по долг период во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ успеала да се позиционира како една од најуспешните политички сили на европската сцена.

„Постигнавте убедливи победи на парламентарните, локалните и претседателските избори. Ја насочивте вашата татковина кон стабилен и предвидлив развој. По години во опозиција, денес сте една од најуспешните политички партии во Европа. Нема подобра препорака од сопствениот успех“, рече Орбан.

Тој се заблагодари за соработката со лидерот Христијан Мицкоски и ги охрабри членовите на партијата да продолжат да му даваат доверба.

„Продолжете по патот на успехот. Ви посакувам многу успех во претстојните владини задачи. Бог да ги благослови македонските патриоти“, додаде Орбан.

На Конгресот, преку видеообраќања, се вклучија и други претставници на сестрински партии на ВМРО-ДПМНЕ.