Набрзо по преземањето на власта во Струмица од градоначалникот Петар Јанков (ВМРО-ДПМНЕ), една од првите јавни набавки, иако со мала вредност, беше доделена на „Шалом – Фуд Груп“ ДОО, компанија во сопственост на Јорданчо Јанев – баџанак на премиерот Христијан Мицкоски и Дончо Карастоев, негов прв братучед, пишува PortaliX.
Компанијата беше единствен понудувач и добитник на тендерот за ресторански услуги за свечениот ручек на 11 декември, по повод градскиот празник „Св. 15 Тивериополски свештеномаченици“. Договорот изнесува 400.000 денари со ДДВ и опфаќа ручек за до 250 гости, одржан во ресторанот „Шалом“ во Струмица. Менито вклучувало традиционални посни јадења, пијалаци и десерти.
На настанот присуствувале црковни лица, министри, директори на институции и други официјални претставници.
Дилема отвори соопштението на Комисијата за односи со верските заедници, во кое Јорданчо и Стевица Јаневи се наведени како „покровители“ на свеченоста. Ова е во спротивност со фактот дека општината преку буџетска јавна набавка платила за настанот, а тендерот го добила фирма во нивна сопственост. Терминот „покровител“ вообичаено подразбира приватно финансирање, а не добивање јавен договор.
Портал Икс побара објаснување од Општина Струмица за улогата на семејството Јаневи, но до објавувањето на текстот не доби одговор.
Реакција имаше и од Левица, од каде порачаа дека ваквите трошоци се неприфатливи во услови на сиромаштија и намален животен стандард, оценувајќи дека јавните пари треба да се насочат кон социјални и јавни потреби, а не кон „елитни свечености“.
Инаку, Јанев и Карастоев и претходно беа во фокусот на јавноста по обвинувањата на СДСМ за наводни поврзаности со фирми во Бугарија и извлекување пари, тврдења кои ВМРО-ДПМНЕ ги демантираше како лажни.

