Во рамки на мерките за зголемување на безбедноста во сообраќајот, преку системот „Сејф Сити“ се предвидуваат јасно дефинирани казни за најчестите прекршоци на патиштата.
За пречекорување на дозволената брзина до 20 километри на час е предвидена парична казна од 20 евра. Доколку брзината е надмината за 20 до 30 километри на час, казната изнесува 45 евра. За возење со брзина повисока за 30 до 50 километри на час следува казна од 300 евра, како и мерка забрана за управување со моторно возило. При пречекорување над 50 километри на час, казните се движат од 400 до 500 евра, со задолжителна подолга забрана за возење.
За поминување на црвено светло на семафор е предвидена парична казна од 250 евра и забрана за управување со возило, а во случај на предизвикување сообраќајна незгода, прекршокот може да прерасне и во кривична одговорност.
Возење со истечена возачка дозвола се санкционира со казна од 100 евра. За непрописно запирање или паркирање, познато како „кратко задржување“, казните се движат од 30 до 50 евра, а возилото може да биде отстрането со специјално возило („пајак“).
Дополнително, доколку возачот добие три забрани за управување со возило во период од четири години, му се одзема возачката дозвола.
Казни се предвидени и за пешаците – користење слушалки при преминување на пешачки премин се санкционира со парична казна од 40 евра.
Надлежните институции посочуваат дека целта на овие мерки не е казнување, туку зголемување на безбедноста и воведување поголема сообраќајна дисциплина. Доколку и покрај ваквите санкции состојбата во сообраќајот не се подобри, ќе следуваат дополнителни системски мерки.

