Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) соопшти дека ја примил целокупната медицинска документација поврзана со смртта на новороденче од Арачиново, кое почина на 1 октомври на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.
Како причини за смртта се наведуваат масивен пнеумоторакс, белодробен емфизем, едем на мозокот и кардиореспираторна инсуфициенција.
Директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов, информираше дека до Министерството за здравство е доставена иницијатива за формирање стручна комисија, која треба да утврди дали во третманот на новороденчето имало евентуални пропусти. Во меѓувреме, на клиниката бил спроведен и вонреден инспекциски надзор.
Според медицинската документација, родилката била хоспитализирана како итен случај на 27 септември, а породувањето било извршено со царски рез на 28 септември. По породувањето, новороденчето било префрлено на Одделот за интензивна нега поради респираторни компликации, интубирано и ставено на антибиотска терапија.
Состојбата на детето нагло се влошила на 1 октомври, а и покрај преземените мерки и спроведената реанимација, новороденчето починало. Обдукција е побарана, но обдукцискиот извештај сè уште не е изготвен.

