6 March, 2026

Нов сомнителен случај на смрт во кумановско: Сестрата се сомнева дека брат ѝ бил отруен

Нов сомнителен случај на смрт во кумановско. Полицијата вчера добила пријава за смрт на маж од Старо Нагоричане за кој неговата сестра се сомнева дека е отруен. 

– Вчера во 14:00 часот, полициски службеници од СВР Куманово примиле пријава од Д.Е.(50) од село Довезенце, Кумановско, дека на 31.12.2025, околу 22:00 часот, била известена за смртта на нивниот брат М.П.(60). Братот живеел во домот во селото заедно со својот татко и партнерката А.Р. од село Младо Нагоричане, општина Старо Нагоричане. Пријавителката, заедно со уште една сестра и зет, го затекнале починат на креветот, информираа од МВР. 

Според информациите, Итна медицинска помош била повикана околу 20:30 часот, при што била констатирана смрт, а партнерката на починатиот била пренесена во болница бидејќи ѝ се слошило. Сепак, во СВР Куманово не била веднаш пријавена смртта, а потврда за смрт била издадена дури на 01.01.2026, по инсистирање на семејството, известуваат од МВР. 

Пријавителката истакнала сомнеж дека брат ѝ не починал од природна смрт, туку можеби бил отруен.

Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.