15 February, 2026

Нов дипломатски скандал: Нападната бугарската амбасада во Скопје

Министерството за надворешни работи на Бугарија излезе со остра реакција и најостра осуда откако денеска (11 јануари) непознато лице извршило напад врз објектот на бугарската амбасада во Скопје.

Официјална Софија го оцени инцидентот како недопустлив напад врз дипломатска мисија и сериозно кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи, при што директно ги обвини македонските институции за создавање клима на неказнивост.

„Ова е резултат на системска пасивност“

Во соопштението, бугарското МНР не ги штеди критиките кон властите во Северна Македонија, поврзувајќи го денешниот инцидент со претходни напади и вандалски акти.

„Министерството изразува длабока загриженост што ваквото дрско дело е резултат на системскиот недостиг на реакција од надлежните институции на Република Северна Македонија при претходни напади и вандалски чинови врз објекти поврзани со Бугарија“, се наведува во реакцијата.

Според Софија, институционалната пасивност и толерирањето на говорот на омраза создале средина во која ваквите криминални дејствија се охрабруваат и ескалираат.

Јасни барања до Скопје

Бугарското МНР упати конкретни барања до македонските власти:

  • итно пронаоѓање на сторителот и негово кривично гонење;
  • гарантирање на безбедноста на бугарските дипломатски претставништва и нивниот персонал.

„Очекуваме институциите во Северна Македонија јасно и недвосмислено да се оградат од манифестациите на омраза и активно да работат на создавање коренито поинаков јавен наратив за односите со Бугарија“, порачуваат од Министерството.

На крајот, Софија предупредува дека внимателно го следи случајот и дека „го задржува правото да преземе дополнителни дејствија“ со цел заштита на своите интереси.