Бугарското Министерство за надворешни работи реагира на изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој вчера изјави дека на Бугарија ѝ пречело тоа што Акцискиот план за малцинства, испратен од Македонија до Софија, бил на македонски јазик.
Што кажа премиерот Мицкоски?
Во кратка хронологија, премиерот наведе дека биле советувани од Брисел да ѝ го достават Акцискиот план на Софија ден порано како знак на добра волја.
„Така направивме, го дадовме еден ден однапред. Е сега им сметало што е на македонски јазик. Во меѓународна употреба, согласно Уставот, официјален јазик е македонскиот јазик. Јас не можам, ниту министерот, да го кршиме Уставот. Ако мислат дека ќе го испратиме на друг јазик – ние немаме друг јазик. Согласно Уставот, тоа е македонскиот јазик. Ова покажува дека проблемот нема врска со малцинство или Бугари во Уставот, туку има многу подлабоки корени и проблеми. И уште еднаш покажуваат дека нивната намера е сосем поинаква“, рече Мицкоски.
Пропуштена шанса
Премиерот изрази жалење што Бугарија ја испуштила шансата да покаже дека се добри соседи:
„Ниту една земја членка нема против, ниту едно малцинство во Македонија, бидејќи имаше јавна дебата и расправа – нема против. Проблем било само тоа што било на македонски јазик“, додаде Мицкоски.

