Нови детали излегоа на виделина за тешкиот инцидент во кој двегодишно дете беше сериозно повредено за време на новогодишната ноќ.
Според достапните информации, детето било надвор со својата мајка и го гледало огнометот кога, додека било во нејзините раце, било погодено од метален проектил, најверојатно залутан куршум. По инцидентот, детето веднаш било пренесено во болница.
Најпрво било згрижено во Градската болница, а поради сериозноста на повредите итно било префрлено на Клиниката за детска хирургија. Лекарите утврдиле крварење во мозокот, при што се зафатени сите мозочни комори. Детето се наоѓа во тешка и животозагрозувачка состојба и е под постојан медицински надзор.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека станува збор за еден од најсериозните инциденти за време на новогодишната ноќ и дека повредата е предизвикана од метален фрагмент, додека точните околности сè уште се утврдуваат.
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека истрагата е во тек и се прибираат информации за можна неовластена употреба на огнено оружје за време на прославата.

