Еден од обвинетите во случајот за пожарот во дискотеката „Пулс“, министерот без ресор Шабан Салиу, денес се обрати пред судот и истакна дека девет години немал ниту правна ниту фактичка поврзаност со ДЗС – институцијата со која обвинението го поврзува трагичниот настан.
Тој вели дека нема вина и дека случајот против него не се темели на докази.
„Обвинението против мене е врзано за претпоставки – ‘можел да знае’, ‘требал да знае’, ‘имал обврска’. Правно е недозволиво обвинение да се заснова на претпоставки. Се надевам дека правдата на крај секогаш победува,“ рече Салиу во судница.
Тој додаде дека според обвинението се товарел со евентуална умисла, како да знаел уште во периодот 2012–2017 дека ќе дојде до пожарот во 2025 година.
„Ни Баба Ванѓа да станеше од гроб не можеше да го предвиди тоа, а камоли јас како обичен човек. Нема причинска врска меѓу она што ми се става на товар и трагедијата во ‘Пулс’,“ нагласи министерот, додавајќи дека за време на неговиот мандат во ДЗС никогаш не пристигнале документи, елаборати или барање за согласност од страна на објектот.
Салиу исто така демантираше дека на рочиштата доаѓа со службено возило и тврди дека неговото име било злоупотребено на вчерашната Анкетна комисија во Собранието.

