Семејството Аслани, чиј двегодишен син почина во скопскиот Клинички центар откако во новогодишната ноќ во неговата глава заврши заскитан куршум, јавно обвинува за полициска бруталност. Во повеќе видеоматеријали, емитувани во живо, членови на семејството изнесоа сериозни обвинувања за односот на полицијата по трагичниот настан.
Во едно од видеата, членовите на семејството покажуваат модринки, за кои тврдат дека се последица на удари од полициски службеници. Таткото на детето наведува дека бил испитуван и дали тој има вина за повредите на својот син.
Според сведоштвата на семејството, полицијата на местото на настанот привела и деца и возрасни лица. Од Министерството за внатрешни работи се обидовме да добиеме официјален став во врска со овие обвинувања, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.
Детето, според официјалните информации на полицијата, починало ноќеска во 1:58 часот по полноќ во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Семејството бара итна и неселективна правда, пронаоѓање и казнување на сторителот, се наведува во видеото објавено од „Рома Прес“.
Обвинителството денеска издаде наредба за обдукција на телото на детето.
Таткото, Муше Аслани, во видеото изјавува дека полицијата ги малтретирала и неговите чичковци.
„Мене ме малтретираа. Не ме оставија да си го видам синот. Малку ми ги поткршија рацете, а јас сум опериран на раката. Ме оставија на ладно и ми велеа ‘не ти е ништо’. Ме прашуваа дали јас сум му направил нешто“, изјавува Аслани.
Тој додава дека, бидејќи не бил присутен во моментот на повредата, првично помислил дека детето се удрило. Кога го однел во болница, според неговите зборови, полицајците ги туркале членовите на семејството, по што сите биле однесени во полициска станица.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи денеска излезе со официјално соопштение за случајот. Според МВР, детето починало откако во неговата глава завршил метален фрагмент.
Лекарски извори од Клиниката за трауматологија за „Слободен печат“ изјавија дека станува збор за проектил од заталкан или одбиен куршум, кој не бил директно испукан кон детето и со релативно мала сила навлегол во главата.
Од МВР информираат дека на 1 јануари, 58 минути по полноќ, во СВР Скопје од Клиничкиот центар било пријавено дека кај нив е донесено двегодишно дете од Скопје во исклучително тешка состојба, со туѓо метално тело во главата.
Полициски службеници излегле на терен и извршиле службен разговор со 21-годишната мајка Г.Д., која изјавила дека на 31 декември, непосредно пред полноќ, излегла пред дворот од нивниот дом на подрачјето на Гази Баба со детето за да гледа огномет. Во еден момент слушнала звук, по што забележала крв на главата на детето.
Службен разговор бил извршен и со таткото М.А. (26). Во 1:58 часот на 2 јануари 2026 година детето починало, а лекар констатирал смрт. По наредба на јавен обвинител, телото е дадено на обдукција, а се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР.

