Појавата на стомачни тегоби кај десетици ученици од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопско Влае предизвика загриженост кај родителите и јавноста, а институциите продолжуваат со истражување на причините за овој случај. Пет деца се задржани на болничко лекување, додека повеќе ученици се пуштени дома со симптоми како болки во стомак, повраќање, дијареа и покачена температура.
Директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди, посочи дека сите примени ученици имале слични симптоми, што упатува на можност за труење со храна. Сепак, првичните епидемиолошки анкети на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажале дека седум од пријавените деца воопшто не консумирале храна од училишната кујна, што го отежнува утврдувањето на точниот причинител.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, информираше дека резултатите од земените примероци се очекуваат утре, бидејќи анализите бараат најмалку 48 часа. Земени се примероци од:
– храна (мусли, млеко, мусака со месо, кроасан)
– вода од неколку чешми
– брисеви од училници и кујната
ИЈЗ исто така побара дополнителни информации од Детската клиника за да се утврди дали причинителот е вирус, бактерија, паразит или друг фактор.

