Фирмата на контроверзниот бизнисмен од Охрид, Нефи Усеини, доби околу 70.000 евра од тендерот за зимско одржување на државните патишта, чија вредност изнесува околу 3 милиони евра, објавен од Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, пишува Фактор.
Меѓу фирмите кои ја поделија набавката се и „Диктор ЦД“ на Зоран Иванов со над 642.000 евра, „ЈА-МИ“ на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев (580.500 евра), „Ган-Логистик“ на Бурим и Насер Ибиши и Кренар Ибраими (639.000 евра), тетовската „Инфраструктура“ на Абдурахим Алија (544.700 евра), „Јан Констракшн“ на Доста Стојаноска и Наташа Јанкулоска (390.200 евра) и битолската „Зимак“ на Роберт Рајкоски (71.500 евра).
Договорите се склучени за сезоната 2025/2026 година, а Јавното претпријатие ангажира трети лица бидејќи само не може да се справи со снегот. Според условите, камионите треба да имаат вграден ГПС, а возачите да носат храна за цел ден.
Нефи Усеини е поранешен политичар и советник во Општина Охрид, избран од редовите на ДУИ, управител и сопственик на неколку фирми со различни дејности, вклучувајќи угостителство.

