Во 9.30 денеска почнува најголемото судење во поновата историја на Македонија – процесот за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, трагедија што на 16 март 2025 година однесе 63 животи и повреди повеќе од 200 лица. Судницата е под засилени безбедносни протоколи, семејствата на жртвите пристигнуваат за да ја слушнат вистината која ја чекаат скоро девет месеци, а правосудниот систем е исправен пред најтешкиот тест досега.
Обвинителството ќе треба да докаже вина на вкупно 38 обвинети – од институции до поединци – за низа тешки дела против општата сигурност. Според обвинението, трагедијата не била несреќен сплет на околности, туку последица на години игнорирање на законите, погрешни одлуки и системски пропусти. „Пулс“ работел незаконски уште од 2012 година: без минимално-технички услови, со нерегистрирани реконструкции, без соодветна противпожарна заштита и со крајно небезбедни услови за посетителите.
Во документите што ќе ги презентира Обвинителството стои дека повеќе институции издавале лиценци спротивно на законот, не вршеле потребен инспекциски надзор, дозволувале преполнетост на капацитетот и влез на малолетници. Најкритичниот момент настанал кога, за време на настапот на групата „ДНК“, биле активирани пиротехнички средства без дозвола – искра што ја запалила целата трагедија.
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски уште на прес-конференцијата одржана на 16 јуни јасно порача дека секоја институција имала можност да спречи дел од ризиците, но пропустите се таложеле, создавајќи „ланец што неминовно водел кон катастрофа“.
Додека судот го завршува последното техничко тестирање на системите, во зградата се поставени полициски филтри кои ќе контролираат кој влегува и излегува од судницата, а екипи на итната помош се во готовност за медицински интервенции.
Со процесот ќе раководи судијката Диана Груевска-Илиевска – со 19 години искуство и долга листа на високо профилирани предмети, меѓу кои и судењата за поранешните премиери Владо Бучковски и Зоран Заев, како и случајот за тешката несреќа кај Ласкарци.
Повеќе детали ќе се разјаснуваат во наредните месеци, но едно е јасно уште денес: ова судење ќе биде пресвртна точка за начинот на кој државата се справува со одговорноста, институционалните пропусти и јавната безбедност.

