Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави важна одлука на денешната седница на Советот за поодговорно и порационално управување со градските претпријатија. Одлуката предвидува намалување на надоместоците и редуцирање на бројот на членови во управните и надзорните одбори.
„Во минатото, надоместоци се исплаќаа и кога седници воопшто немаше, што создаваше непотребни трошоци за граѓаните. Сега, надоместок ќе се исплаќа само кога ќе се одржи седница, а износите се намалуваат — од 12.000 на 10.000 денари за претседател и од 10.000 на 8.000 денари за член“, појасни Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека бројот на членови во одборите исто така се намалува — од 14 на седум членови.
„Ова е уште еден чекор кон кратење на непотребните трошоци и воспоставување ред во работењето на Град Скопје. Времето на ‘како досега’ завршува. Почнуваме нова практика — транспарентно, ефикасно и домаќинско управување, какво што скопјани заслужуваат“, нагласи градоначалникот.

