15 February, 2026

Мицкоски: Трајно ќе ја напуштам политиката ако СДСМ до пролет најде еден мигрант во Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски му одговори на Венко Филипче во врска со тврдењата за наводно сместување мигранти во социјални станови и нивно право на глас.

Филипче претходно изјави дека на пролет би имало избори и дека мигранти, кои наводно би биле сместени во социјални станови, би можеле да гласаат.

Мицкоски категорично ги отфрли овие тврдења:

„Ќе им оставам време до пролет – Филипче, Фрчкоски и Жерновски – да одат низ целата држава и да најдат барем еден мигрант кој е дел од некаков договор со Велика Британија. Ако најдат, јас трајно ќе се повлечам од политика. Ако не – очекувам тројцата јавно да се извинат. Подготвен сум ова да важи за целиот мој мандат, но ако рокот им е пролет, тогаш го прифаќам,“ изјави премиерот.

Тој додаде дека очекува „фер политика“ и јасно разграничување меѓу факти и политички спинови.