30 November, 2025

Мицкоски: Поради Кацарска идниот месец 70% од пензионерите ќе земат пониски пензии

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања остро реагираше на информациите дека Уставниот суд донел одлука за укинување на линеарното зголемување на пензиите. Според него, постапката е покрената по иницијатива на судијката Добрила Кацарска, која, како што рече, била „архетип на неправдата во судството“.

„Точно е дека е покрената постапка пред Уставниот суд и точно е дека таа судијка за која сите зборуваме, заедно со една друга обвинителка, кои беа симбол на неправдата и учествуваа во случајот со торбата ‘Луј Витон’, се оние на кои денес им пречи линеарното зголемување на пензиите“, рече Мицкоски.

Премиерот тврдеше дека според последните информации, Кацарска веќе ја потпишала одлуката за укинување на моделот на линеарно покачување, што значи дека пензионерите повторно ќе добиваат зголемување согласно процентите утврдени со закон.

„Тоа практично значи дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец“, изјави Мицкоски, оценувајќи дека ваквата одлука не е фер.

Уставниот суд соопшти дека сè уште нема донесено конечна одлука по предметот У.бр. 13/2025, кој се однесува на членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување – одредбата што го регулира линеарното зголемување на пензиите.

Од Судот потсетуваат дека на 24. седница одржана на 19 ноември 2025 година, со мнозинство гласови било изразено сомневање во уставноста на спорниот член. Постапката сега е во втора фаза, во која се бараат мислења од предлагачите и од доносителот на Законот, по што ќе следува финална одлука.

„Јавноста ќе биде известена кога предметот ќе биде ставен на седница за гласање“, наведува Судот.